|
|
| КУЛТУРА |
Поетско писмо
ПРИВЛЕЧНА МИСТИЧНОСТ
Влатко Митаноски
Во еден од своите текстови, познатиот француски книжевен теоретичар Ролан Барт зборува за поезијата и за суштината на поетската интерпретација. Ако пристапиме кон таков предизвикувачки чекор, според Барт, ќе дојдеме до еросот и танатосот. Според Барт, тоа е суштината на текстовното дешифрирање на поетското писмо. Тоа е базата, коренот од кој започнува растежот на поетскиот дискурс.
Тогаш, можеме да си поставиме едно прашање кое е тесно поврзано со преходно наведените констатации на Ролан Барт. Дали со таквиот чекор (и тоа предизвикувачки) дешифрирајќи го поетскиот дискурс, не се оддалечуваме од уметничкото, од естетските максими, од играта во која нè внесува јазикот на уметничкиот текст?
Сепак, имавме можност “да влеземе во јазичната игра”, која ја нуди поемата “Срт” на младиот поет Звонко Танески и, сакале ние или не, да дојдеме до единствените алфа и омега на секој поетски говор.
Според постмодерните теоретски доктрини секој текст повторно се пишува. Ништо не започнува од него. Ништо не завршува со него. Текстот е отворен, максимално слободен. Но, напати, ако не и многу често, текстот е енигма, лавиринт, претпазливо теоретски „поткован” јазичен израз. Тоа, бездруго, важи и за поемата “Срт” на Звонко Танески. Мистичноста и енигмата се негова книжевна философија. А секој текст со филозофски базис, како што знаеме, има голема естетска вредност. Кога станува збор за поемата “Срт”, естетската вредност е мошне автентична. Низ сите осумнаесет пеења се соочуваме со длабоко кодиран поетски јазик. Тоа е таа differentia specifica, таа философија на привлечната мистичност на ова поетско писмо.
Согласувајќи се со констатацијата на Венко Андоновски за „коренот на сите осумнаесет пеења на даровитиот поет”, за „празната целосно семантички фригидна вистина”, ќе речеме дека таа се исполнува со својата празнина на специфичен начин. Младиот поет енкодира со истенчено лирско чувство. Лирскиот субјект патетично се поврзува со пеењето во Песната Прототип: „Што си вперила очи во мене/качена на највисок срт/збогум да ме имаш до таму/о, долг пату/.”
Тоа се книжевни знаци кои, несомнено, се поврзуваат со еросот кој, се чини, не е многу далеку од танатосот. Во лирско-епскиот вид таквата блискост на семантички спротивните знаци е очекувана. Еве, за пример, дел од шестото пеење: „Проклето е тоа тело твое,/проаѓалиште јадно за тебе што е,/пламен од свеќа(во мракот на лице што свети),/жедно непце-блескотно како бакнеж,/како распојасано чудо,/како голтач на растојанија,/грутки живот што влече,/со половиот нагон што пее/.
Лирската патетичност и специфично енкодираниот космос се секогаш со доза на хаос, секогаш во една борба за една можна рамнотежа, во една можна декодирачка активност: „Се среќаваш со зората/прикован во огледалото со наметка од студ,/со черепот отворен-наполнет со дожд,/со длабоката бразда во утробата своја,/со завесите на очите,/со купиштата од воздишки,/ со ветрот без содржина,/со поројот леден,/моќта кај што дави, но не притиска/. Посебната борба, посебното тежнеење за рамнотежа на космосот и на хаосот во „Срт” не би била толку драматична, во вистинска смисла на збосот, без женскиот принцип кој е близок до еросот по дефиниција. Тој ексклузивен градбен елемент, тој женски поларитет претставува специфично знаковно поле во поемата „Срт”. Затоа е најавен уште на почетокот во Песната Прототип.
Специфичен градбен елемент во поемата „Срт” се и фуснотите. Преку нив и со нив енкодираните прозни знаци говорат за посебниот свет кон кој реферира оваа поема. На тој начин, „Срт” го исполнива тврдењето за наративната нишка како суштина, покрај лирската означеност во книжевните текстови од овој тип. Духот на постмодерниот книжевен мотив за светот како свет и за текстот како свет во книжевната фикција силно пулсира во фуснотата од петнаесеттото пеење: „Тој се заплеткуваше околу светот и околу своите неродени и новородени текстови и очајнички се бореше со нив. Му се чинеше дека го создава светот. Без него и без неговите зборови, тој не може и нема да постои...ако не е обележан, запишан, именуван. И затоа, уште повеќе поверува дека светот е текст.” Многу често моше да се лушне или да се прочита една универзална максима. Станува збор за гледиштето кое ги сублимира емпиријата, староста и философијата. Во овој случај би рекле емпиријата, староста и книжевната философија. Нив ќе ги поврземе со суштината, со постоењето, со битисувањето. Доста храбро и со целосна одговорност констатираме дека емпиријата, староста и философијата не одат секогаш заедно. За тоа е доказ поетското писмо на младиот Звонко Танески. Философијата на поетскиот израз со која е длабоко проникнат, истенченото лирско чувство и суптилната наративна компонента на поемата „Срт” се предизвик за неговите идни, можни интерпретори. На љубителите на поезијата, пак, им останува естетското уживање кое го нуди овој текст, а кое се поврзува со магијата на јазикот кој мами за влез во неговата игра, за влез во неговата уметност.
|
|
|
|
|
|
|
|
|